Како фискалната транспарентност може да доведе до поголема отчетност?

Како фискалната транспарентност може да доведе до поголема отчетност?

Финансиската нестабилност во голем број земји стана една од главните причини за глобалната економска криза. Меѓународната федерација на сметководители континуирано ја промовира потребата за подобро известување од страна на јавниот сектор и подобар финансиски менаџмент, преку неодамна отпочнатата иницијатива Отчетност сега!.

 

Оваа иницијатива има за цел да промовира подигнување на свеста, да ги олесни насоките за спроведување на Меѓународните сметководствени стандарди во јавниот сектор и да го поттикне развојот на потребните технички вештини. Подобрувањето на практиките за отчетност во јавниот сектор не е само неопходно решение за глобално економско и финансиско управување, туку и суштинска алатка за зголемување на нивото на демократијата и за овозможување поголема транспарентност во користењето на јавните ресурси.1

Степенот на фискална транспарентност се покажа како важен индикатор за фискалниот кредибилитет и перформансите на земјата. Има сè повеќе емпириска литература и истражувања кои ја нагласуваат позитивната врска помеѓу степенот на фискална транспарентност и мерките за фискална одржливост (како што се владините дефицити и долгови), со посилна корелација меѓу земјите со ниски и средни приходи отколку кај земјите со високи примања.2

img09 d237e

Извор: Извештај на Меѓународен Монетарен Фонд: “Фискална транспарентност, отчетност и ризик”, подготвен од Секторот за фискални прашања во соработка со Секторот за статистика, 7 август, 2012 

Фискалната транспарентност, во земјите во развој, го зајакнува делувањето на граѓанското општество и придонесува за подобар развој на земјата, но владите сеуште пружаат отпор по однос на ова прашање. Во последниве неколку години се појавија повеќе меѓународни иницијативи чија цел е промовирање на транспарентноста во различни области на владиното дејствување. На пример, Глобалната иницијатива за фискална транспарентност ги соедини клучните чинители – владини и невладини - да дизајнираат и промовираат подобрени глобални норми за транспарентност и граѓанско учество во управувањето со јавните ресурси. Сите овие активности и иницијативи произлегуваат од две меѓусебно поврзани верувања/убедувања. Прво, слободниот пристап до владини информации, вклучувајќи ги и информациите за буџетот, е право на секој граѓанин и истото е загарантирано со членот 19 од Универзалната декларација за човекови права. Второ, транспарентноста и пристапот до владините информации ќе им овозможат на граѓаните да се вклучат во политичките процеси и да ги следат владините активности, кое што ќе доведе до подобрување на отчетноста/одговорноста како и до подобар развој на земјата. Првото образложение произлегува од верувањето дека владите имаат должност да ги исполнат индивидуалните човекови права, а второто образложение потребно е да се демонстрира во пракса и поддржано со веродостојни докази.3

Во врска со објавувањето на фискалните податоци и фискална транспарентност во Македонија, Министерството за финансии објави податоци за јавниот долг прв пат во 2005 година. Меѓу 2006 година и март 2010, Министерството објавуваше информации за јавниот долг на секои три месеци. Оваа практика прекина во март 2010 година кога Министерството започна да објавува информации за државниот долг на централната влада и гарантираниот јавен долг во два различни документи. Јавниот долг од крајот на септември се објавуваше еднаш годишно во контекст на ЕУ претпристапната економска програма. Ова не беше во согласност со најдобрите практики во светот. Во октомври 2014 година Министерството продолжи со објавување на податоците за јавниот долг, вклучувајќи ги сите надворешни и домашни долгови на централната влада, долговите на јавните претпријатија и општините, на секои три месеци. Министерството исто така подготвува детални годишни извештаи за управување со јавниот долг кои се доставуваат до Собранието на разгледување. Согласно Законот за јавен долг, годишниот извештај треба да се објави и на интернет страната на Министерството за финансии. За сега не постои обврска за објавување на податоците за јавниот долг како составен дел на годишниот извештај за извршување на буџетот.4 Годишниот извештај за управување со јавниот долг се подготвува со цел редовно информирање на Владата и Собранието, како и за запознавање на јавноста со карактеристиките на должничкото портфолио на Република Македонија и со мерките преземени во текот на претходната година со цел негово ефикасно управување. Последниот годишен извештај за управување со јавниот долг е подготвен за 2015 година и е објавен на интернет страната на Министерството за финансии. Истовремено, Министерството објавува квартални извештаи за државниот и јавниот долг, како и за промените на макроекономските индикатори. По објавување на податоците за БДП, Министерството на својата интернет страна ги објавува ревидираните податоци за јавниот и државен долг согласно податоците на Државниот завод за статистика.

Сепак, постојат и одредени методолошки предизвици во врска со пресметката и проценката на податоците за јавниот долг. Најчестите системи во светот за финансиско известување на буџетските корисници се оние на пресметковна и готовинска основа. Македонското буџетско сметководство се заснова на готовинска основа според која се признаваат трансакции само кога парите се примени или исплатени. Во таков случај, долговите на државата кои произлегуваат од неплатени и задоцнети обврски не се прикажани; и ако овие обврски се пресметаат како јавен долг, истиот може значително да се зголеми. ММФ ги препорачува овие меѓународни сметководствени стандарди од 2001 година, но Македонија сеуште ги нема прифатено.

Транспарентноста на јавните финансии е една од клучните области во однос на реформите кои треба да се реализираат. Имајќи ја предвид сегашната ситуација, новата влада веќе започна да реализира бројни мерки и активности, кои се наведени во стратешките документи на меѓународните финансиски институции. Според тоа, транспарентноста во известувањето за јавните финансии е подобрена. Министерството за финансии од скоро ја промени структурата на својата веб-страница. Со цел да се зголеми транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, на официјалната интернет-страница се додаде посебен дел "Статистика", каде што се лесно достапни сите важни информации, како што се: извршување на буџетот, јавен долг и државен долг, макроекономски индикатори и статистички податоци. Месечни и тримесечни податоци за извршувањето на буџетот од страна на буџетските корисници и општините сега се достапни на оваа веб-страница. Полугодишниот извештај за извршувањето на буџетот е ревидиран. Исто така, постојат информации и за неизмирените обврски на државните институции. Овие податоци не беа претходно достапни за јавноста и вреди да се спомене дека истите се објавени во отворен Excel формат (наместо претходниот PDF формат) кој е погоден за понатамошна анализа. Истовремено, со цел државниот буџет да биде подостапен и транспарентен за граѓаните, Министерството изготви Граѓански буџет, во кој, на начин близок до широката јавност, се претставени клучните информации од Буџетот на државата. Ова е една од алатките со кои Министерството започнува да создава транспарентност и отчетност на јавните финансии и преку која ја подигнува свеста на јавноста за вклучување на граѓаните во подготовката на владините документи.5


1* Европски развој во сметководството во јавниот сектор - научени лекции, подготвено од Томас Милер и Маркес Бергер, 18 ноември, 2014

2* Извештај на Меѓународниот Монетарен Фонд: “Фискална транспарентност, отчетност и ризик”, подготвен од Секторот за фискални прашања во соработка со Секторот за статистика, 7 август, 2012

3* Дали фискалната транспарентност води до поголема одговорност и подобар развој?, Паоло де Ренци, https://www.theguardian.com/global-development-professionals-network/2013/jun/12/fiscal-transparency-better-accountability-development, увид на 6 септември, 2017

4* Извештај бр. 93913- MK ПЈР Македонија Преглед на јавните расходи-Фискална политика за раст, Групација Светска банка, јули 2015

5* Министерство за финансии, http://finance.gov.mk/, увид на 6 септември, 2017


Изработила: Тамара Мијовиќ Спасова, истражувач на програмата за анализа на јавни политики и администрација


Кратката студијата е изработена во рамките на проектите на Аналитика: ‘‘Транспарентност и отчетност на јавните финансии - поглед од граѓанското општество‘‘ финансиран од CIVIKA Mobilitas . Содржината на кратката студија во ниту еден случај не ги одразува мислењата или официјалните ставови на донаторот на проектот.