Справувањето со мигрантската криза како феномен од глобални размери несомнено претставуваше предизвик за една земја како што е Р. Македонија. Со ескалацијата на кризата во 2015 год. граничниот премин кај Гевгелија се соочи со огромен притисок и со тоа Македонија стана еден од клучните актери на балканската рута.
Притоа, државните органи се соочија со два клучни предизвици - обезбедување на човечката безбедност, но и на државната безбедност. Поточно, од една страна е хуманитарниот аспект на кризата, односно обезбедување на основна хуманитарна заштита и безбедно транзитирање низ земјата за мигрантите, додека истовремено се обезбедуваат државните граници, безбедноста на локалното население и стабилноста на државата. За успешно менаџирање на кризата неопходно е да се адресираат и двата аспекти - овие две страни не смееме да ги гледаме како спротивставени, бидејќи потфрлањето во било која насока и тоа како го загрозува другиот аспект на безбедноста. Во однос на хуманитарната заштита, беше добиена ценета поддршка од неколку земји и меѓународните организации, а пред се агенциите на Обединетите нации без кои една земја како Р.Македонија не би можела да обезбеди ни основна хуманитарна помош за толкава бројка на мигранти.
Со оглед на тоа што се работеше за хуманитарна катастрофа од огромни размери, главните дебати на европско ниво се водеа околу пружањето помош и поддршка на бегалците и нерегуларните мигранти. Меѓутоа, уште во 2015 год. земјите од Вишеградската група успеаја да се наметнат и имаа клучна улога за одржување на дискурсот за безбедност на надворешните граници на ЕУ, а со тоа и за стабилноста на Западниот Балкан.
Еден од клучните моменти е самитот во септември 20151 кога четирите земји начелно го одбија предложениот т.н. систем на квоти за прифаќање на мигранти. Земјите од Вишеградската група успеаја да изградат заедничка позиција и на тој начин да ги наметнат своите гледишта на агендата на ЕУ. Ова треба да биде научена лекција за земјите од Западниот Балкан бидејќи истите, иако се соочува и се уште се соочуваат со слични предизвици, не успеаја да дејствуваат заеднички.
Во однос на Република Македонија, особено е важен Самитот во Прага кој се одржа на 15 февруари 2016, каде покрај премиерите на четирите земји на Вишеград, присуствуваа и премиерот на Бугарија како и Претседателот на Р. Македонија.
Неколку елементи се важни од овој самит:2
- како прво, се стави акцент на потребата за стабилизација на балканскиот регион и намалување на нелегалната и неконтролирана миграција преку борба, меѓу другото и преку борба против организираните криминални групи вклучени во криумчарење на луѓе
- како второ, земјите се заложија за практична поддршка на земјите од ЗБ врз основа на вистинските потреби, мобилизација на инструментите на ЕУ (особено Фронтекс), како и размена на информации што е особено важно бидејќи нашите власти постојано укажуваа на пречките во размената на информации
- Земјите изразија поддршка за Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ
Она што произлезе од овој самит, како и од понатамошните билатерални и мултрилатерални средби е навистина она што беше ветено - конкретна и практична поддршка пред се за Министерството за внатрешни работи во обезбедувањето на државната граница. Па така, од секоја од овие земји во неколку наврати беа испратени контингенти од по десетици полициски службеници кои секојдневно и помагаат на нашата гранична полиција. Ова меѓу другото значи пренесување на искуства, стандарди во полициското работње од страна на земји членки на ЕУ, вмрежување на оперативно ниво итн. Ако се суди според изјавите на политичкиот естаблишмент, нашите безбедносни служби имаат одлична соработка со В4 на дневна основа пред се во однос на размена на информации во однос на безбеднисните ризици. Истовремено, имавме билатерални донации пред се за опрема за МВР, како и возила за граничната полиција.
Сета оваа поддршка и пред се затварањето на балканскиот коридор навистина придонесе до драстично намалување на бројот на нелегални преминувања. Сепак, со оглед на тоа што не постојат легални алтернативи, нерегуларната миграција продолжува. Според Фронтекс,3 постои зголемување на бројот на детектирани фасилитатори и истиот се очекува да се зголемува, а со зголемувањето на побарувачката за вакви услуги овој нелегален бизнис ќе станува се попрофитабилен, што значи дека ќе стане попривлечен. Околу две третини од откриените фасилитатори се државјани на Западниот Балкан4 што значи дека се уште имаме потреба од поддршка за справување со овој тип на организиран криминал.
За крај, кога се работи за земјите од Вишеградската група, никогаш не сме виделе таква фреквенција на официјални посети и други средби од овие земји во Македонија, како во последните година-две. Овие веќе воспоставени контакти треба да се искористат за продлабочување на соработката на многу повеќе нивоа и за многу други теми. Искуството со мигрантската криза покажа како земјите може директно и практично да соработуваат, а таквата соработка треба и понатаму да се унапредува.
1 Вишеградска група, Заедничка изјава на претседателите на влади на земјите од Вишеградската група, 04.09.2015, Прага, достапно на: http://www.visegradgroup.eu/calendar/2015/joint-statement-of-the-150904
2 Вишеградска група, Заедничка изјава за миграциите, 15.02.2016, Прага, достапно на: http://www.visegradgroup.eu/calendar/2016/joint-statement-on
3 Фронтекс, Квартална анализа на ризик за Западен Балкан - трет квартал, март 2017, Варшава, достапно на: http://frontex.europa.eu/assets/Publications/Risk_Analysis/WB_Q3_2016.pdf
4 Ибид.

