Аналитика во УНФИЦИП Кипар

Аналитика во УНФИЦИП Кипар

Аналитика организираше студиска посета на еден припадник на македонската полиција при Министерството за внатрешни работи како дел од мисијата на ООН во Кипар УНФИЦИП (26-28 април). Целта на посетата беше да се добијат информации за учеството во мировни операции преку цивилни компоненти, во македонскиот случај со испраќање на полициски претставници.

За таа цел нашиот истражувач Андреја Богдановски заедно со г-ѓа Валентина Иванова при Бирото за јавна безбедност на МВР остварија патување во Никозија и имаа низа состаноци со воени, полициски и цивилни претставници кои беа составен дел на мисијата. Г-ѓа Иванова работи како полициски советник за превенција и кризен менаџмент (Оддел за стратешко планирање, контрола на квалитет и стандарди) при МВР.

На првиот ден од посетата, македонските претставници имаа состаноци со Елизабет Селвуд задолжена за давање на политичка поддршка на Шефот на мисијата. Во текот на состанокот имаше можност да се научи повеќе за самиот мандат на мисијата како и за тековните напори кога станува збор за преговорите кои во моментов се водат под посредство на ООН во однос на финалниот статус на Кипар. После ова следеа неколку други состаноци на кои тема на разговор беше воената, полициската и цивилните аспекти од улогата на оваа мисија на Кипар. Вториот дел од денот беше посветен на посета на бафер зоната каде македонската делегација беше подобро запознаена со активностите на полицискиот сегмент на мисијата.

unificyp2 1e3ebВториот ден беше посветен за споделување на регионални искуства со претставници од земјите од соседството кои имаат испратено претставници од полициите во рамките на УНФИЦИП. За таа цел беше организиран состанок со двајца претставници на полицискиот тим од Босна и Херцеговина.  За време на состанокот, македонската делегација беше подобро запознаена со самиот процес на испраќање полициски претставници во мировни операции. Српските искуства беа споделени од страна на Драшко Сувам, тим лидер на полициската станица Атиену на Кипар. Македонските претставници имаа шанса да добијат повеќе информации околу секојдневните задачи и обврски на оваа полициска станица.

Оваа активност е дел од проектот за градење на капацитети за учество во мировни операции на земјте од Западен Балкан: http://www.analyticamk.org/en/projects/current/42-category-en-gb/programs/foreign-and-security-policy/461-western-balkans-civilian-capacities-in-peace-operations

За повеќе слики: https://www.facebook.com/analyticamk/posts/10154904267887178