Енергетска правда и нејзината примена во Македонија

Енергетска правда и нејзината примена во Македонија

Енергетска правда е релативно нов концепт во теоријата. Се однесува на идеја дека секој има пристап до безбедна, достапна и одржлива енергија[1], додека товарот е распределен и заедниците се вклучени во одлуките за енергетскиот систем[2]. Овој концепт значи и препознавање на ранливи групи[3] и фер процес[4]

Иако теоретски, овој концепт е релевантен за дискусија бидејќи може да посочи на одредени проблеми во енергетскиот систем доколку се анализира системот како целина[5] а не од гледна точка на одредена група, како потрошувачи или произведувачи. Добро познато е дека енергетиката е многу комплексна тема и често кога одлуките во енергетскиот сектор се носат од законодавци, компании или потрошувачи, овие одлуки влијаат на други актери во енергетскиот систем. На пример, ако нема пристап до централно греење, гасоводна или друг вид на модерна јавна инфраструктура за греење во густо населените подрачја, потрошувачите во посиромашните области може да се одлучат за неодржливи и технолошко заостанати средства за греење, како огревно дрво или електрична енергија. Освен тоа, доколку се зголеми цената на електричната енергија, бројот на домаќинства кој нема да може да си покрие своите енергетски потреби може да се зголеми. Често, кост-бенефит анализи се подготвуваат пред започнување на енергетски проект во чиј случај најважна е економската страна – се цени дали проектот би бил профитабилен. Концептот на енергетска правда во овој случај би значел додавање на дополнителен аспект во анализата – така наречен пристап на правичност пред оној на ефикасност[6], што би можело да го промени оценувањето на проектот. Во оваа насока, ако потрошувачите се сиромашни за да ја финансираат изградбата на нивната топловодна инфраструктура, концептот за енергетска правда би ја истакнал потребата на овие потрошувачи за пристап до одржливи енергетски извори, што би можело да го смени мислењето на донесувачите на одлуки за преземање на овој проект.

Во случајот на Македонија, има неколку примери со кои може да се разгледа енергетска права. Еден е за политиките за зголемување на уделот на обновливи извори. Во прва линија, приватниот сектор има придобивка од повластените тарифи за различни обновливи извори. Се зголемува листата на регистрирани компании кои ги користат овие субвенции[7]. За физички лица, има само субвенција за сончеви колектори на годишно ниво на Министерството за економија и две години по ред субвенција за печки на пелети на Градот Скопје. Субвенцијата за сончеви колектори се дава на принцип на лотарија без земање во предвид на социо-демографските профили на поднесувачите на барање и потребите на потрошувачите, вклучувајќи ги и оние кои располагаат со помалку средства. Исто така, не е целосна субвенција и се дава откога ќе се купат и инсталираат сончевите колектори. Субвенцијата за пелети исто така го следи принципот на прво купување на печка за пелети, а еден од главните критериуми за добивање на субвенцијата е претходно да се има користено нафта, јаглен, мазут или огревно дрво за греење. Низ спектрот на енергетската правда, сите овие мерки одат во насока на зголемување на обновливата енергија на национално ниво. Но, во случајот со субвенциите за физички лица, не постои пристап за стигнување до оние со пониски примања. Повластените тарифи ја зголемуваат цената на електричната енергија која потоа се плаќа од страна на сите потрошувачи, вклучувајќи ги и оние со помали примања. Поглобалниот поглед на овие политики за поддршка на обновливите извори покажува дека иако се добри за националниот удел на обновливите извори, не овозможува одржлива и достапна енергија за секого, како што диктира дефиницијата на енергетската правда. Понова студија на Аналитка тврди дека на граѓаните треба да им се даде правото да бидат одговорни за сопственото снабдување со електрична енергија и дури да му помагаат на системот со негово снабдување со електрична енергија за време на пик часовите[8].

Втор пример е за централното греење. Густо населените градови, како неколку во Македонија обично имаат потреба од некаков вид на јавна инфраструктура за греење, без разлика дали е централно греење или греење на гас. Сепак, инфраструктура за централно греење има само во дел од главниот град, додека гасоводна инфраструктура има во мали делови во градовите Струмица и Куманово. Ова значи дека најголем дел од домаќинствата се оставени со помал избор за греење. Топлинските пумпи, кои се многу ефикасни може да се вградат само во нови високоефикасни домови, и куповната цена им е висока, и затоа нивната употреба и ограничена. Други можни извори се огревно дрво и електрична енергија, два вида кои се најчесто употребуваните горива за греење во државата. Проблемот со електричната енергија за греење и дека е големо трошење на енергија, додека огревното дрво го загадува воздухот. Во последно време, се појави тренд на поодржив вид на биомаса, како пелети, за чија употреба потребни се нови печки. Важен наод кој може да е сржта на енергетиката неправда во секторот топлина се наоѓа во законите, дека потрошувачите треба да ги сносат трошоците за изградба на инфраструктура за приклучок. Ова всушност спречува градење на инфраструктура на централно греење, бидејќи домаќинствата немаат средства да финансираат такви проекти за јавна инфраструктура, особено со оглед на високото ниво на сиромаштија и невработеност во државата. Прашањето е и зошто физички лица би требало директно да плаќаат за јавна инфраструктура кога обично треба да се финансира од страна на соодветните власти со даноците кои граѓаните веќе ги внесуваат во јавниот буџет.

Третиот пример го разјаснува еден од аспектите на енергетската правда, наречен правда на препознавање. Тоа значи треба да се препознаат и заштитат ранливите групи[9]. Енергетската сиромаштија, која се смета за една енергетска неправда, односно недостаток на пристап до електрична енергија и технологија[10], е добар пример за злоупотреба на правдата на препознавање. Во Македонија има субвенција за енергетска сиромаштија кога ги покрива горивата или сметките за енергија. Таа е мала сума која се дава само на примателите на социјална помош. Оваа субвенција значи дека ги смета само примателите на социјална помош за енергетски сиромашни. Оваа проценка опфаќа мал број на лица, а претходно истражување на Аналитика покажува дека многу поголем број на граѓани се соочуваат со енергетска сиромаштија[11]. Оваа субвенција бара прво примателите да ги платат сметките за енергија и потоа да побараат надоместок. Важно е да се напомене дека овие приматели на социјална помош ја имаат само социјалната помош како нивен единствен приход, кој е мал и треба да им дадат предност на сметките за енергија пред храна и други потреби за да можат да ја побараат субвенцијата за енергетска сиромаштија. Или би требало да се вклучат во сива економија за да си обезбедат дополнителни средства за основните потреби откога ќе ги платат сметките за енергија и најверојатно ќе ја потрошат социјалната помош за истите.

Како што се гледа преку трите различни примери, концептот енергетска правда може да укаже на комплексноста на енергетскиот систем и на актерите кои го носат поголемиот товар. Со анализа на ситуацијата од повеќе аспекти, надежно е концептот енергетска правда да се користи почесто од страна на чинителите кога одлучуваат за закон или проекти во областа на енергетиката. Главната цел на концептот е да внесе повеќе правда во енергетскиот домен за да се почувствува еднакво од страна на сите учесници во системот – не само големи компании, туку и мали, како и сите потрошувачи без разлика на нивниот имотен статус.


[1] Хефрон, Р.J. и МекКоли, Д., (2014), Постигување на одржливост во снабдувањето преку енергетска правда, Примената енергетика 123 435-437

[2] Совакул, Б.K. и Дворкин, M.Х.,(2015), Енергетска правда: концепциски погледи и практична примена, Примената енергетика 142 435-444.

[3] Џенкинс, K., МекКоли, Д., Хефрон, Р., Стефан, Х. и Ренер, Р.,(2016), Енергетска правда: преглед на концептот. Истражување на енергетиката & општествени науки 11 174-182; Валкер, Г. и Деј, Р., (2012), Енергетска сиромаштија како неправда: интегрирање на дистрибутивност, препознавање и процедура во борбата за достапна топлина. Енергетска политика 49 69-75

[4] Џенкинс, K., МекКоли, Д., Хефрон, Р., Стефан, Х. и Ренер, Р.,(2016), Енергетска правда: преглед на концептот. Истражување на енергетиката & општествени науки 11 174-182

[5] Ибид.

[6] Хефрон, Р.J., МекКоли, Д. и Совакул, Б.K., (2015), Решавање на енергетската трилема преку метрика на енергетската правда. Енергетска политика 87 168-176

[7] Интернет страна на Регулаторната комисија за енергетика/Регистар на повластени производители http://www.erc.org.mk/pages.aspx?id=57#

[8] Соња Ристеска, (2017), Мрежно мерење во Република Македонија, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија? http://www.analyticamk.org/images/2017/mrezno_merenje_a40ba.pdf

[9] Џенкинс, K., МекКоли, Д., Хефрон, Р., Стефан, Х. и Ренер, Р.,(2016), Енергетска правда: преглед на концептот. Истражување на енергетиката & општествени науки 11 174-182; Валкер, Г. и Деј, Р., (2012), Енергетска сиромаштија како неправда: интегрирање на дистрибутивност, препознавање и процедура во борбата за достапна топлина. Енергетска политика 49 69-75

[10] Совакул, Б.K. и Дворкин, M.Х.,(2015), Енергетска правда: концепциски погледи и практична примена, Примената енергетика 142 435-444.

[11] Ана Стојиловска, Соња Ристеска, (2013), Енергетска сиромаштија во Македонија, КАС/Аналитика http://www.analyticamk.org/images/stories/files/energy_poverty/poverty_eng.pdf