Подобрена проактивна транспарентност – чекор понапред кон отчетен јавен сектор

Правото на слобода на информирање е основно човеково право признато со меѓународното право и гарантирано со Уставот на Р. Македонија. Пристапот до информации се поврзува со подобра транспарентност и барање отчетност од властите. Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер претставува солидна основа за барање и добивање на информации од институциите, односно овозможува реактивна транспарентност. Сепак, нивото на транспарентност и пристап до информации исто така се мери преку проактивната трансарентност, односно објавување на истите на Интернет страниците на институциите пред да бидат побарани.

Член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ги поставува стандардите за транспарентност, односно ги набројува информациите кои имателите на информации треба да ги направат достапни за јавноста. Сепак, законот не дефинира дали овие информации треба да бидат достапни по дифолт, односно проактивно да бидат објавени онлајн, или само на барање на граѓаните. Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер има објавено Упатство за проактивна транспарентност, во вид на документ од две страници кој ги прикажува придобивките од проактивната транспарентност. Сепак, овој документ не е задолжителен за имателите на информации и нема податоци за тоа дали Комисијата го промовира Упатството и се залага за спроведување на одредбите од истото.

Досегашните истражувања на темата говорат дека Македонија е многу ниско рангирана кога станува збор за проактивната транспарентност. Регионалниот проект АКЦИЈА ЈИЕ1 покажа дека македонските министерства се оценети како најзатворени во целиот регион и просечната стапка на исполнетост на генералните критериуми за отвореност е 32%.2 Стапката за пристап до информации е 37% што е најниско во регионот.3 Здружението на граѓани ЕСЕ од Скопје исто така ја следи реактивната и проактивната транспарентност. Нивното истражување покажа дека во 2016-та, институциите објавиле само 15% од документите кои се предмет на мониторинг, што е дури и пониско за 5% споредено со достапноста на документи во текот на претходната 2015 год.4 Според ЕСЕ, Законот за пристап до информации од јавен карактер се спроведува само делумно, додека нивото на проактивна транспарентност е многу пониско од реактивната транспарентност.5

Ако се погледнат Интернет страниците на министерствата, очигледно е дека не постои унифициран пристап кон промоција на правото на пристап до информации. Само неколку институции имаат директен линк/банер кој води кон повеќе информации за тоа како да се побара информација (меѓу кои и информации за лицето назначено за посредување при пристапот до информации, постапката за поднесување на барање за пристап, список на достапни информации итн.). Меѓу овие институции се Владата, Министерството за внатрешни работи и Министерствоото за животна средина и просторно планирање. Многу почесто, овој тип на информации можат да се најдат во делот на односи со јавност. Истовремено, квалитетот на податоци по ова прашање е различен.

Сепак, последните неколку месеци донесоа позитивни случувања и заложби за подобрена транспарентност. Планот на Владата за итни демократски реформи наречен 3-6-9 ја препознава потребата од објавување на информации од јавен интерес и предвидува одредени мерки. Во таа смисла, на 31 октомври 2017 год. Владата усвои информација од Министерството за информатичко општество и администрација за листа на информации кои сите министерства треба да ги објават на нивните Интернет страници. Оваа листа вклучува: стратешки план, буџет, завршна сметка на буџетот, ревизорски извештаи, план за јавни набавки, органограм, правилник за систематизација на работни места, список на вработени со информации за нивните позиции и контакт е-мејл и службен телефон, пречистени текстови на закони и подзаконски акти од надлежност на министерството, формулари кои би им биле потребни на граѓаните за комуникација со министерствата, тарифник за добивање на реални акти, листа на информации од јавен карактер, контакт информации од лицето задолжено за пристап до информации, правилник за заштитено внатрешно пријавување, контакт информации од лицето задолжено за заштитено внатрешно пријавување, контакт информации од офицерот за заштита на лични податоци, контакт информации од минситерството, листа на активни регистри со кои раководи министерството, биографија на министерот, заменик министерот и државниот секретар и онлајн календар на настани. Одредени исклучоци постојат за Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана поради безбедносни причини.

Освен тоа, Владата ги задолжи сите министерства да ги објават бараните информации во рок од две недели после усвојувањето на одлуката. Иако со одредено задоцнување, повеќето министерства веќе ги објавија бараните информации онлајн. Сепак, се уште нема унифициран пристап меѓу министерствата и овие документи можат да се најдат низ различни секции од Интернет страниците. Покрај тоа, квалитетот на информациите исто така се разликува од институција до институција. 

Овие чекори навистина претставуваат многу позитивен напредок кон подобрена транспарентност на јавниот сектор; сепак, нема механизам за мониторинг кој ќе следи дали навистина министерствата ќе ги објават сите барани информации и документи и дали понатаму овие информации редовно ќе се ажурираат. Во ваква ситуација, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер треба да се вклучи и да започне да следи дали бараните информации се објавени и редовно ажурирани. Исто така, слични насоки треба да им се дадат и на останатите иматели на информации. Со оглед на тоа што Комисијата е заштитниот механизам на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, потребно е најзино поактивно вклучување и понатамошни заложби за проактивна транспарентност пред сите иматели на информации.


Подготвено од: Магдалена Лембовска, Истражувач, Програма за безбедносни прашања
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.


1* Акција ЈИЕ се однесува на „Мрежа за отчетност, технологија и институционална отвореност во Југоисточна Европа“, повеќе може да се најде на: http://opennessindex.actionsee.org

2* Наумовска Нада, Данаиловска Данче, „Предлог за подобрување на тековната состојба“, Акција ЈИЕ, достапно на:
http://opennessindex.actionsee.org/files/Research%20findings/Makedonija/Izvrs%CC%8Cna%20vlast/
Openness%20of%20institutions%20of%20executive%20power%20in%20the%20region%20and%20Macedonia%20ENGL.pdf

3* Ибид.

4* ЕСЕ, Реактивна транспарентност
http://www.esem.org.mk/pdf/Publikacii/2017/Reaktivna%20transparentnost%202016.pdf

5* Ибид.

 

e-max.it: your social media marketing partner

Следете не

FacebookFlickrTwitterYoutube

Најнови твитови