Руската (гасна) врска - како Македонија ги склучуваше договорите

Не е новина руското влијание на Западниот Балкан. Во последната година, особено по последните избори во САД, расте бројот на вестите во врска со влијанието на Русија во различни региони, вклучувајќи го и Балканот. Во однос на енергетиката, сепак, тоа трае веќе некое време и во извесна смисла не беше актуелно или вредно за информирање подолг период.

Ова може јасно да се види од извештајот на Гардијан, “Русија активно провоцира раздор во Македонија од 2008 година, велат од разузнавачките служби„, во кој се вели: Македонија во изминативе девет години “е цел на силна субверзивна пропаганда и разузнавачка активност„ која што доаѓа од руската амбасада, според брифингот подготвен претходно оваа година за Владимир Атанасовски, Директор на македонската управа за безбедност и контраразузнавање (УБК). Ова влијание започна во 2008 година кога Грција го блокираше обидот на Македонија за влез во НАТО. Грција, јужниот сосед, не се согласува со употребата на Македонија како име на земјата...Во документот стои дека надворешната политика на Русија во регионот е “во тесна корелација„ со нејзината енергетска стратегија. Целта на Кремљ е да ги контролира “стратешките енергетски ресурси преку партнерството со балканските земји„ и да ја направи Македонија “исклучиво зависна„.1

Овој коментар ја претставува хронологијата на ова влијание почнувајќи од Јужениот тек. На почетокот, долго пред украинската криза, Јужен тек беше поздравен како многу добар, важен проект кој конечно ќе го поврзе Балканот со постојано, безбедно снабдување со гас. Во тоа време македонските власти дадоа сѐ од себе за да се договорат со Гаспром и Русија да ја вклучат Македонија во планирањето на проектот. Слика 1 покажува дека Македонија никогаш не била дел од планот. Сепак, македонската влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во годините кога проектот беше во тек, се обиде да ја поврзе земјата со планираниот гасовод. На пример, вестите од 2013 година велат дека Македонија потпишала договор со Русите. “Според договорот, во случај да се потврди студијата за целисходноста на градењето врз основа на анализата, рускиот енергетски гигант во државна сопственост „Гаспром" АД и македонската компанија „Македонски енергетски ресурси" АД ќе формираат заедничка компанија за реализација на проектот за кракот на гасоводот со подеднаква распределба на акциите, односно по 50 отсто. Во компанијата ќе може да се привлекуваат и нови акционери со натамошна прераспределба на акциите...Договорот, исто така, ја утврдува обврската на македонската страна да не воведува никакви ограничувања за руските инвестиции во Македонија, спроведени во рамките на договорот, како и да обезбеди на компанијата царински и даночни повластици.„2

slika1 9109f

Слика 1 – оригинално планираната траса на Јужен тек

Јавноста, сепак, никогаш не го виде овој договор или деталите од него. Неговото постоење дополнително се потврдува со “тивките„ промени во Законот за енергетика што се случија во 2013 година со што владата го централизираше претходно децентрализираното градење на гасоводи на локално ниво. Аналитика во истата 2013 година ги анализираше измените на Законот за енергетика и наодите беа: “што се однесува до овластувањата на Владата, интересно е тоа што по членот 166 (Министерот донесува технички прописи за изградба, одржување и безбедно функционирање на енергетски објекти, уреди и инсталации) се додадени 2 нови члена со кои се надополнуваат надлежностите на Владата во секторот природен гас. Па така, членот 166-а вели дека Владата ќе донесува уредби за техничките правила за проектирање, изведба, ставањето во употреба, функционирањето и одржувањето на постројките и инсталациите за природен гас по предлог на министерството. Членот 166-б пак вели дека сертификатот за изведување и заварување на полиетиленски цевки за гасоводни системи кој е издаден од друга држава ќе мора да се признае во Република Македонија на барање на носителот и дека ќе се состави посебна Комисија за оваа намена иако новите законски измени не специфицираат кој точно ќе ги бира членовите во оваа Комисија. На крај, Министерот е тој кој што го потпишува решението на предлог на Комисијата. Прашања кои се јавуваат со овие законски измени во делот на зголемување на надлежноста на Владата во секторот природен гас се: како ова ќе се одрази врз тековните и новите проекти за гасификација на локално ниво; дали ова оди во прилог на понатамошно централизирање на политиката со гасификација која до сега се покажа како неефикасна поради чие бавно реализирање се појавија локални проекти за гасификација кои се реализираат за релативен краток временски период (околу 3 години) и чии први резултати се намалување на потрошувачката на енергија и заштедување на средства.„3

Овие прашања никогаш не беа одговорени бидејќи со започнувањето на украинската криза и со санкциите против Русија, претседателот Путин го прогласи проектот Јужен поток за мртов. Сепак, влијанието во енергетскиот сектор не запре таму. По овој неуспешен договор, тогашната македонска влада, повторно без јавна расправа, усвои друг закон, за финансирање на изградбата на локалната мрежа за гас (се мисли само на територијата на РМ). Аналитика пишуваше и за ова прашање неколку пати. Најпрво во 2015 година, кога се започна со изградбата на гасоводната мрежа, го објави следново: најново што ги разбранува круговите во енергетиката е предлог Законот за задолжување од две комерцијални банки – Дојче и Ерсте банка за завршување на одамна предвидената гасификацијата на земјата (од Блок станица 5 до Неготино и Битола и од Скопје преку Тетово до Гостивар) во износ од 90 милиони евра. Планот е да се позајмат 60 милиони евра од Дојче банка и 30 милиони од Ерсте во 7 рати за изградба на 204 километри на гасоводната мрежа, а пак со Клириншкиот долг од Русија во износ од 75 милиони евра да се изградат 60 километри од гасоводната мрежа (од Клечовце до Штип). Едно покренато прашање се потребните средства за изградба на километрите гасоводна мрежа: околу 450 илјади евра по километар од задолжувањето и околу 1.2 милиони евра по километар од Клириншкиот долг би биле потребни според она што го планира државата. Нема објаснување зошто е толкава разликата во фондовите за едниот и другиот дел од гасоводната мрежа, што доведува до сомнеж за тоа како е склучена оваа зделка со Русија за исплатата на нивниот долг. Интересното пак во ново-предложениот Закон за задолжување, е дека постојат одредби со кои им се овозможува на властите тие пари во исклучителни случаи да ги пренаменат за буџетска поддршка (што значи дека може да се редистрибуираат за нешто друго и да не се искористат за целите за кои се земаат).4

Понатаму во октомври 2016 година, Аналитика повторно пишуваше за случувањата со гасната мрежа, при што беше нагласено: “што се однесува до гасификација на домаќинствата т.е. изградбата на дистрибутивната мрежа, тука работите не се толку јасни. Само Куманово и Струмица како единици на локалната самоуправа имаат изградено сопствено снабдување со гас. Најново од Владата на РМ е дека донесе одлука за нов проект за изградба на дистрибутивна мрежа на природен гас со која што ќе бидат опфатени сите три региона и која што треба да биде изградена преку јавно-приватно партнерство за кое во следниов период ќе биде објавен јавен повик. Не беше даден конкретен рок кога точно може да се очекува јавен повик за овие јавни приватни партнества, на што се надоврзува и фактот дека гасоводот само што почна со изградба. Советникот за енергетика на Премиерот Емил Димитриевски, Христијан Мицкоски, појасни дека е донесена одлука за 30 нови постапки, меѓу кои периодот на концесија од 20 е зголемен на 30 години (за дистрибутивната мрежа – забелешка на авторот), цената за приклучок е намалена од 100 на 80 евра (за домаќинствата – забелешка на авторот), при што остатокот го субвенционира Владата, како и дека опфатени ќе бидат сите општини со што природниот гас ќе биде достапен за сите граѓани. (Денар. мк). Аналитика стои на ставот дека гасификацијата треба да се одвива заедно со општините, поготово што дистрибутивната мрежа поминува низ нивната територија и тие најдобро ги знаат локалните потреби и проблеми. Во светот трендот е да се оди кон децентрализација на енергетските системи и Македонија треба да го следи тој тренд за поуспешно справување со идните енергетски потреби.„5

Додека пак на крајот од 2016 година се појави веста дека тогашната влада планира повторно да ја ре-стартира термоцентралата Осломеј односно да ја модернизира и повторно да ја стави во производство на електрична енергија. Со оглед на тоа што македонските резерви на лигнит се ниски, физибилити студијата за Осломеј проценува дека ако фабриката се модернизира, ќе треба да работи на увозен јаглен. Аналитка во јануари 2017 објави: “физибилити студијата проценува дека наоѓалиштата на лингинт во Макеоднија се минорни, со што се предлага увоз на јаглен од Русија, Украина или Полска кој би се носел по железнички или воден пат...Македонија веќе е целосно зависна од руски гас и со ваквите предвидувања за во иднина би била зависна и од руски јаглен. Тука се поставува прашањето како институциите се грижат за енергетската безбедност на земјата, мала и енергетски сиромашна, ако наместо да се вложува во мерки за енергетска ефикасност, намалување на енергетскиот интензитет и диверзификација на енергенсите, таа оди во спортивна насока и го става во опасност целиот енергетски систем со што освен со гас би ја направиле земјата зависна и со увозот на јаглен.„6

Потоа се случи промената на политичката ситуација и се формираше нова влада предводена од СДСМ по повеќе од 10 години од владеење на претходната политичка елита и во моментов не е познато во кои фази се погоре споменатите проекти - изградбата на гасоводот, на дистрибутивната гасна мрежа низ Македонија и модернизацијата на ТЕЦ Осломеј. Сепак, од настаните од 2012-2017 година може да се извлечат неколку заклучоци кои треба да послужат како предупредување кога ќе се работи на обезбедување на енергетската безбедност на земјата во иднина:

  1. Сите проекти договорени меѓу Русија и Македонија во енергетскиот сектор беа направени зад затворени врати без учество на јавноста, во спротивност со Архуската конвенција која Македонија ја има ратификувано, а законите кои одат во прилог на руските претпријатија беа усвоени по скратена постапка.
  2. Јасно е дека договорените проекти одат во корист на Русија, а не на Македонија.
  3. Разузнавачките информации индицирале дека стратегијата на Русија е да ја направи Македонија зависна од своите енергетски и инфраструктурни ресурси.
  4. Македонија е многу ранлива и нејзината енергетска безбедност не е доволно стабилна поради тоа што е сиромашна со сопствени ресурси и во голема мера зависи од увозот, а тоа се експлоатира од помоќните и богати со ресурси држави.
  5. Меѓународните финансиски институции мора да ја интензивираат својата улога во финансирањето на енергетски проекти во земјата, кои што нема да работат на јаглен кој што Македонија го нема, туку на обновливи извори што Македонија особено ги има од аспект на сончевиот потенцијал.
  6. Новата влада мора сериозно да ги анализира претходните договори со Русија и нејзините компании, а императивот во наредниот период мора да биде диверзификација на своите енергетски ресурси, дома но и на тие од странство.

1* Русија активно провоцира раздор во Македонија од 2008 година, велат од разузнавачките служби (Russia actively stoking discord in Macedonia since 2008, intel files say – линк на англиски), 4.06.2017, https://www.theguardian.com/world/2017/jun/04/russia-actively-stoking-discord-in-macedonia-since-2008-intel-files-say-leak-kremlin-balkan-nato-west-influence

2* Потпишан договорот помеѓу Русија и Македонија за гасоводот Јужен тек, https://kajgana.com/potpishan-dogovorot-megju-rusija-i-makedonija-za-gasovodot-juzhen-potok,

3* Ристеска Соња, Стојиловска Ана, Анализа на Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика од мај 2013 година, http://www.analyticamk.org/images/stories/files/briefs/13049-Policy_Brief_zakonot_za_energetika_2013.pdf

4* Ристеска Соња, Коментар за месец октомври 2015 година, Хаос во енергетиката. Последните случувања во енеретскиот сектор во Македонија

5* Ристеска Соња, Коментар за месец октомври 2016 година, Војна на гасот, кога елитите се караат граѓаните губат

6* Ристеска Соња, Коментар за месец јануари 2017 година, Македонија не се откажува од термоцентралите


Напишано од: Соња Ристеска, Истражувачки и менаџмент координатор, Аналитика тинк-тенк, Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

e-max.it: your social media marketing partner

Следете не

FacebookFlickrTwitterYoutube

Најнови твитови